“ Презбикуза или постепено губење на слухот “

Презбикузата е природен процес на стареење кој се карактеризира со постепено губење на способноста за слух, односно билатерално високофреквентно губење на слухот. Оваа состојба обично почнува да се појавува во триесеттите или четириесеттите години и полека напредува со возраста. Промените на слухот кај пресбикузата се резултат на дегенерација на влакнестите клетки во кохлеата, која е дел од внатрешното уво, како и оштетување на нервните патишта кои пренесуваат звучни сигнали до мозокот. Ова губење на слухот може да влијае на способноста за разбирање на говорот, особено во средини со бучава во позадина.

 

Иако пресбикузата е неизбежен дел од процесот на стареење, постојат превентивни мерки кои можат да помогнат да се заштити слухот и да се забави прогресијата на состојбата. Редовното чистење на ушите е важно за да се избегне акумулација на ушната маст (церумен), што може да предизвика блокирање на ушниот канал и привремено губење на слухот. Сепак, чистењето треба да се направи внимателно за да се избегне оштетување на ушниот канал. Избегнувањето гласна бучава и инфекции на увото исто така може да игра важна улога во зачувувањето на слухот. Долготрајната изложеност на гласни звуци може да доведе до оштетување на слушните клетки и да го забрза процесот на губење на слухот. Користењето заштита за уши во бучни средини, може да помогне да се намали ризикот од оштетување на слухот.

Превенцијата вклучува и редовни проверки на слухот. Раното откривање на промените во слухот овозможува навремена интервенција, како што е употребата на слушни помагала или други уреди, кои можат да го подобрат квалитетот на животот и да ја забават прогресијата на пресбикузата.

Сподели со пријатели! | Shpërndaje me miqtë!